Во април 2026 година, Американската агенција за храна и лекови (FDA) донесе значајна одлука: пет конкретни производи за загревање тутун беа класифицирани како производи со модифициран ризик. Одлуката ги призна научните докази дека загревањето, наместо согорувањето на тутунот, може значително да ја намали изложеноста на штетни и потенцијално штетни материи – но само кога возрасниот пушач целосно ќе ги замени цигарите со уреди за загревање тутун. Тоа не значи дека овие производи се без ризик, но, јасно го поставува клучното прашање: што навистина се менува кога тутунот не гори, туку се загрева?
Сè започнува со согорувањето
Клучната разлика е недвосмислена: класичната цигара гори и создава чад. Уредот за загревање тутун го загрева тутунот и создава аеросол што корисникот го вдишува. Разликата не е само во зборовите: различен е процесот, а различен е и составот на емисиите. Токму чадот од согорувањето е главниот извор на токсичните материи што го прават пушењето толку штетно. При горење на тутунот се ослободуваат илјадници хемиски соединенија, меѓу кои јаглерод моноксид, бензен, акролеин и други токсични материи поврзани со срцеви заболувања, оштетување на белите дробови и рак. Наспроти тоа, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, аеросолот од производите за загревање тутун генерално содржи пониски нивоа на многу штетни состојки од чадот од цигара. Пониско, сепак, не значи безопасно. Аеросолот содржи никотин и други токсични соединенија што влијаат врз организмот. Но, ризикот не може автоматски да се изедначи со оној од цигарите, бидејќи кај уредите за загревање тутун и другите никотински производи без согорување нема чад од запален тутун.
Што покажуваат мерењата кај луѓето?
Хемискиот состав на емисиите е само првиот дел од сликата. Следното прашање е што навистина стигнува до организмот. Систематскиот преглед на Cochrane, заснован на десет студии со околу 2.000 учесници, утврди умерено сигурни докази дека нивоата на одредени измерени токсини се пониски кај луѓето што користат загреан тутун отколку кај оние што продолжуваат да пушат цигари. Во споредба со луѓето што воопшто не користат тутун, изложеноста сепак може да биде повисока.
Токму тука е суштината на концептот за намалување на штетата. Возрасен пушач кој инаку би продолжил да пуши може да ја намали изложеноста на дел од токсичните материи ако целосно се откаже од цигарите и премине на производ без согорување. Но, ако продолжи да пуши и паралелно користи загреан тутун, изложеноста на чад останува. Затоа замената мора да биде целосна: производот без согорување треба да ја замени цигарата, а не само да се додаде покрај неа.
Оваа разлика не е важна само за корисникот, туку и за луѓето во неговата непосредна околина. Чадот од запалена цигара и аеросолот од загреан тутун не го менуваат квалитетот на воздухот на ист начин. Причината е фундаментална: согорување наспроти контролирано загревање. Кога цигарата гори, се создава сложена мешавина од илјадници хемиски супстанции, вклучително и високи нивоа на бројни штетни и потенцијално штетни материи. Кај производите со загреан тутун нема согорување; се создава аеросол со значително поинаков хемиски состав и, за одредени штетни компоненти, пониски концентрации. Затоа мерењата на квалитетот на воздухот и на изложеноста покажуваат дека чадот и аеросолот не смеат да се третираат како иста емисија. Од аспект на пасивната изложеност, помалата количина на одредени штетни материи во емисијата значи и помал потенцијал тие да бидат присутни во воздухот што го вдишуваат луѓето во околината.
Што значи ова за јавната политика?
Јавната политика мора истовремено да тргне од две јасни сознанија. Прво, цигарата што согорува тутун и производот што создава аеросол имаат различни емисии и различни нивоа на изложеност – и за корисниците и за околината. Второ, ниту еден никотински производ не е наменет за малолетници и непушачи, а пониската изложеност не смее да биде основа за послаба заштита на воздухот во затворени простории.
За возрасните што пушат, најдобриот здравствен исход останува целосното откажување од тутун и никотин. За оние што не успеваат веднаш да го постигнат тоа, информацијата мора да биде точна, јасна и одговорна: во контекст на намалување на штетата, целосното напуштање на цигарите може да ја намали изложеноста на многу штетни материи. Токму во тоа е суштината на намалувањето на штетата: помала изложеност за возрасните пушачи кои инаку би продолжиле да пушат.
Затоа добрата регулатива не треба да ги изедначува производите што суштински се разликуваат , туку да ги препознава разликите во емисиите и изложеноста, па така да го спречува пристапот на младите и го мери она што навистина носи здравствена вредност: колку возрасни целосно ги оставиле цигарите и колку луѓе повеќе не се изложени на чад. Разликата меѓу горење и загревање не е семантика, таа не е прашање на терминологија, туку на хемија, изложеност и јавно здравје. Таа е научно мерлива, суштински важна и токму врз неа се темели концептот на намалување на штетата. Затоа заслужува точно објаснување, одговорна комуникација и политики засновани на докази.

