Пратеничката Славјанка Петровска, член на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на НАТО, учествуваше на 109. Рос-Рот семинар, кој се одржа на 6 и 7 октомври во Кишинев, Молдавија.
На семинарот, организиран од Парламентарното собрание на НАТО и Парламентот на Молдавија, учествуваа парламентарци од земјите членки и партнерските држави на НАТО, како и претставници на меѓународни организации, институции, научниот и невладиниот сектор.
Во фокусот на дискусиите беа безбедносните предизвици во Црноморскиот регион, последиците од руската инвазија врз Украина, хибридните закани, заштитата на критичната инфраструктура и енергетската безбедност.
Учесниците разговараа и за регионалната безбедност на Молдавија, нејзината отпорност на надворешни влијанија и партнерството со НАТО во услови на променето безбедносно опкружување во евроатлантскиот регион.
На семинарот се обратиле и високи молдавски и НАТО функционери, меѓу кои вицепремиерот и министер за надворешни работи на Молдавија, Михаи Попсои, заменик-министерот за надворешни работи Валериу Мија и специјалниот претставник на генералниот секретар на НАТО за Кавказот и Централна Азија, амбасадорот Кевин Хамилтон.
Во дискусиите било истакнато дека војната во Украина има пошироки последици врз безбедноста на соседните држави, при што Молдавија останува фокусирана на справувањето со хибридните закани, зајакнувањето на отпорноста и модернизацијата на безбедносниот и одбранбениот сектор.
На семинарот било разговарано и за европската интеграција на Молдавија, заштитата на демократските вредности и зајакнувањето на регионалната соработка.

