Министерството за образование и наука објави конкурси за доделување стипендии во девет категории за учениците од средните училишта за учебната 2026/2027 година.
Најмногу стипендии, односно 1.570, се предвидени за ученици запишани во дуални паралелки и во стручно образование со зголемен број часови практична настава.
За социјална поддршка на ученици од јавните средни училишта се предвидени 900 стипендии, додека 300 ќе бидат доделени на ученици од средното образование во рамки на издвоени наставни програми.
МОН предвидува и 180 стипендии за ученици со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта.
Дополнително, по 150 стипендии се обезбедени за ученици во тригодишно стручно образование и стручно оспособување, за талентирани ученици спортисти, како и за талентирани средношколци, со исклучок на учениците од областа на уметностите.
По 50 стипендии се предвидени за ученици без родители и за талентирани ученици од областа на уметностите, од јавните и приватните средни училишта.
Конкурсите се однесуваат на учебната 2026/2027 година, а условите и начинот на аплицирање се објавени од Министерството за образование и наука.

