Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, објави дека имал средба со новоименуваниот амбасадор на Грција, Јанис Малукос, при што ги примил копиите од неговите акредитивни писма.
-Изразив уверување дека неговото дипломатско искуство и личен ангажман ќе придонесат за натамошно јакнење на политичкиот дијалог и добрососедските односи меѓу двете земји, како непосредни соседи и НАТО-сојузници.
Се заблагодарив за поддршката на нашиот евроинтегративен процес и за континуираните заложби на Грција за целосна интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Ја потврдив посветеноста на Владата на европската реформска агенда и нашиот придонес кон регионалната стабилност и безбедност.
Заеднички ја потврдивме подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералните односи, со фокус на инфраструктурното и енергетското поврзување, економијата, трговијата, културата и туризмот, напиша Муцунски на Фејсбук.

