Грејната сезона 2026/2027 година за корисниците приклучени на системот за централно греење во Скопје, со кој управува АД ЕСМ, официјално ќе започне на 15 октомври.
Согласно регулативата, испораката на топлинска енергија може да започне и пред овој датум, односно во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12°C или пониско, врз основа на податоците од УХМР. До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации дали се исполнети условите за испорака.
Од компанијата упатија апел до потрошувачите навремено да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации и веднаш да ги пријават интервенциите во Центарот за грижа на потрошувачи. За непречено функционирање на системот, потребно е и обезбедување пристап до топлинските потстаници, како и редовно подмирување на сметките за струја за потстаниците од страна на заедниците на сопственици.
Граѓаните можат да проверат дали нивниот објект е на списокот без услови за испорака на топлина преку официјалната веб-страница, а за информации и пријава на дефекти на располагање се телефонските линии на Центарот за грижа на потрошувачи (02 3076 200 и 075 400 100) и службите на ЕСМ Енергетика (02 3104 816 и 02 3104 872).

