Во рамките на одбележувањето на првата година од вториот мандат, градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов, презентираше отчет за постигнатите резултати, истакнувајќи дека општината се развива во модерна рурална средина со конкретни проекции во сите сектори.
– Во првата година од вториот мандат продолжуваме со поголем интензитет на раст и развој на општина Конче со резултати во сите области со што веќе се гледа една модерна рурална општина. Но нема да се задоволиме со тоа тука продолжуваме да создаваме услови за поквалитетен живот на граѓаните без разлика на населените места со создавање перспектива за сите генерации – истакна Ристов.
Во делот на инфраструктурата и комуналните услуги, реализирани се проекти за водоснабдување во Долни Липовиќ со потисен цевковод и пумпна станица, изградени се фекални канализациски краци во Конче и Ракитец, а завршен е и вториот дел од патната врска меѓу Ракитец и регионалниот пат Р2434. Исто така, уредени се вкупно 15.000 квадратни метри јавни површини, а во тек е партерното уредување на пристапот до манастирот Св. Ѓорѓи кај езерото Мантово.
Општина Конче значајно го зголеми и капацитетот за противпожарна заштита и зимско одржување преку донации и меѓународна соработка. Преку Амбасадата на САД е обезбедено противпожарско возило „Volkswagen Amarok“, а со здружението „Operation Florian“ од Обединетото Кралство е добиен специјализиран камион „Мерцедес“ со комплетна опрема за дваесет пожарникари. Исто така, поставена е фотоволтаична централа на општинската зграда и набавен е кипер камион преку Форумот на заедницата.
На социјален план, општината продолжува со грижата за стари лица преку ангажирање негувателки, финансиска поддршка за новороденчиња, помош за склучување брак, како и воведување бесплатна градинка за сите дечиња. Во сферата на образованието и спортот, првачињата добија ваучери од 8.000 денари, формирани се нови спортски секции, меѓу кои и ракомет за најмладите, а успешно се реализираа традиционални манифестации и меѓународна соработка со општини од Хрватска, Италија и Турција.

