Одржливоста на пензискиот систем во земјава, финансиските предизвици и можните реформски решенија ќе бидат тема на денешната презентација во организација на Фискалниот совет.
На настанот ќе бидат презентирани најновите анализи и проекции за иднината на пензискиот систем, со посебен фокус на функционирањето и резултатите од Вториот пензиски столб.
Претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети, ќе ги претстави главните наоди, додека извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески, ќе ја презентира студијата „Одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија“, која содржи симулации на различни реформски сценарија.
За перформансите на Вториот пензиски столб ќе говори и проф. д-р Шпреса Алија од Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, која ќе ги презентира резултатите од анализата изработена во соработка со МАПАС.
Во рамки на дискусијата ќе се отворат прашања поврзани со финансискиот јаз во пензискиот систем, демографските промени и нивното влијание, можните реформи за поголема стабилност, како и приносите и перспективите на Вториот пензиски столб.

