Предложените измени на правилата за боледување не го скратуваат правото на боледување, туку предвидуваат медицинските критериуми за продолжување да почнат да се применуваат по петтиот наместо по седмиот ден, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински.
Во интервју за „Република“, Перински појаснува дека петтиот ден не претставува максимално времетраење на боледувањето, туку момент од кој, доколку боледувањето продолжува, се применуваат дополнителни медицински критериуми.
„Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“, вели Перински.
Тој појаснува дека петтиот ден не е максимално времетраење на боледувањето. Доколку пациентот има медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго.
„Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот“, посочува Перински.
Тој нагласува дека дополнителна дијагностика нема да биде задолжителна за секој пациент и секоја дијагноза, а измените предвидуваат и олеснувања, како дигитализација на постапката по 15. ден и можност за остварување на правото без физичко присуство за тешко болни лица. Во однос на контролите, тој демантира дека пациентите ќе мора постојано да бидат дома, истакнувајќи дека Управниот одбор повторно ќе ги разгледа измените во вторник.

