Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, се обрати на отворањето на Регионалната конференција за спречување на корупцијата и проценка на корупциските ризици во Западен Балкан, која се одржува во Скопје. Настанот обединува претставници на институции од регионот и меѓународни партнери со цел унапредување на интегритетот и заштита на јавниот интерес.
Во своето обраќање, Милошоски истакна дека спречувањето на корупцијата бара ризиците да се препознаваат навреме, а наодите од надлежните институции да водат до конкретни мерки. Тој посебно ја нагласи важноста од транспарентно трошење на јавните средства, следење на ревизорските препораки и идентификување на ранливите точки во јавните набавки.
Осврнувајќи се на институционалната соработка, потпретседателот ја истакна улогата на Собранието и соработката со Државниот завод за ревизија, потсетувајќи на Меморандумот склучен во 2022 година. Исто така, тој го нагласи значењето на новиот Предлог-закон за државната ревизија, кој е во собраниска постапка, а кој предвидува поголема транспарентност на извештаите и посилен парламентарен надзор.

