Општина Петровец во изминатата година реализирала повеќе инфраструктурни, комунални, социјални и спортски проекти во населените места, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните, информира ВМРО-ДПМНЕ.
За подобрување на водоснабдувањето, нови бушотини се извршени во Сушица, Горно Коњари, Катланово, Блаце, Кожле, Тотинци и Брезица. Во Средно Коњари се поплочени улици со бекатон-плочки и е изградена канализациска мрежа, додека во Долно Коњари е изградено ново повеќенаменско спортско игралиште.
Во Ржаничино се асфалтирани четири улици, со претходно изградена канализациска и атмосферска мрежа, улично осветлување и тротоари. Во Огњанци се асфалтирани две улици, а паралелно се работи и на канализациската мрежа, со која досега се опфатени околу 90 проценти од населеното место.
Асфалтирање на улици е извршено и во Петровец, Катланово и Катлановска Бања, додека во Градманци е изградена улица со павер-елементи. За поголема безбедност во сообраќајот изработен е сообраќаен проект за Петровец и Ржаничино, по што е поставена вертикална и хоризонтална сигнализација.
Во областа на образованието, за учениците се обезбедени работни униформи. Во ООУ „Братство и единство“ е реконструиран плафонот, поставени се нови електрични светилки и се уредени помошните простории на спортската сала.
Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија се реконструирани фудбалските терени во Петровец, Ржаничино, Долно Коњари и Средно Коњари.
Општината реализирала и повеќе мерки за поддршка на граѓаните. На пензионери со пензија до 23.000 денари им се доделени по 2.500 денари, за секое прваче биле обезбедени по 4.000 денари, а лицата со попреченост добиле по 20.000 денари. За социјално загрозени семејства биле обезбедени повеќе од 230 хуманитарни пакети по повод Велигден и Рамазан Бајрам.
За подобрување на комуналните услуги набавени се и два камиони за собирање отпад.
Во тек се и повеќе проекти. Во завршна фаза е асфалтирањето на патот Дивље – Средно Коњари, во должина од 6.630 метри. Во тек се и активностите за изградба на културен дом и нова детска градинка во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец.
Во изминатиот период е изграден и нов парк во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“, како и три теретани на отворено во Петровец, Ржаничино и Катланово. Во дворот на градинката „Авионче“ е уреден и детски забавен парк.
По барање на жителите на улица 1 во Петровец е саниран мостот кој обезбедува пристап до домовите, а исчистени се и диви депонии во Огњанци и Петровец.
Од општината посочуваат дека фокусот останува на реализација на инфраструктурни и комунални проекти, со цел рамномерен развој на сите населени места и подобрување на условите за живот на граѓаните.

