Денеска во 10 часот, Град Скопје и скопските општини ќе ја започнат големата еколошка акција за чистење на градот, во која ќе бидат вклучени неколку илјади волонтери.
Акцијата ќе се одвива на територијата на сите скопски општини, а во неа ќе учествуваат градоначалници, амбасади, ученици, јавни личности, спортисти и граѓани.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера преку својот Фејсбук профил ги повика граѓаните да се приклучат на акцијата и заеднички да придонесат за почист и поуреден град.
„Да ги засукаме ракавите и заедно да се погрижиме за улиците по кои секојдневно поминуваме, за парковите во кои растат нашите деца и за маалата што ги нарекуваме свој дом“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно, со цел редовното чистење и грижата за јавниот простор да прераснат во трајна навика.
Според Ѓорѓиевски, со поголемо учество на граѓаните може да се подигне свеста за одговорноста кон животната средина и јавниот простор.
„Секоја рака е добредојдена и секој придонес е важен. Нека оваа акција биде почеток на една убава промена што сите ќе ја гледаме, но и сите ќе ја чуваме. Да излеземе масовно за нашето Скопје. Да оставиме пример, не ѓубре“, порача градоначалникот.

