Во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ гостуваше Андреј Петров, кој истакна дека бројката од 125.000 освоени гласови за СДСМ пред 15 години би била незамислива и дека промените мора да ги иницираат токму оние кои со години се дел од партијата. Тој посочува дека оттука произлегла и иницијативата за платформата.
„За мене беше шокантно ниско нивото на изборниот резултат на локалните избори, 125.000 гласа да ми кажал некој пред 15 години дека може да има СДСМ ќе сум се смеел, ќе сум мислел дека тоа е некаква шега. Општеството бара сите сили да се мобилизираат, ако не го направиме тоа ние кои сме биле низ генерации, низ децении во СДСМ кој друг би очекувале тоа да го направи? Ние сме цврсто убедени дека со заеднички сили можеме да ги промениме и затоа инициравме една дискусија, една платформа која не беше насочена спрема никого“, рече Петров и додаде:
„Евидентно е дека ќе се случи катаклизма, на сите анкети СДСМ е 7,5, 8%, затоа што побрзо дојде до промена, шансите се побрзо да закрепне и СДСМ меѓутоа и едно здраво раководство на СДСМ да агрегира една силна опозиција околу себе, разговарајќи со сите“.
Петров посочи дека СДСМ никогаш не бил препознатлива по низок вокабулар на однесување, критикувајќи ја изјавата „овие се шизофреници што се собрале“ за луѓе кои повеќе од 20 години носеле товар во партијата.
„СДСМ никогаш не бил познат по низок вокабулар на однесување, на што личи тоа пред некој ден „Овие се шизофреници што се собрале“ за луѓе кои носеле товар 20тина години да употребиш таков термин? И не му се лутам, човекот е залутан во оваа работа, не е за тоа, тоа е вокабулар кој дополнително го руинира СДСМ“, рече Петров.

