Полицијата во Цетиње уапсила брачен пар од тој град под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе и семејно насилство врз три малолетници на возраст од осум, 13 и 15 години, кои кај нив биле сместени како згрижувачко семејство.
Според полицискиот извештај, сопружниците Ш.К. и А.С. со години вршеле физичко и психичко насилство, принудувајќи ги децата да работат. Од Управата за полиција наведуваат:
– Службеници на Одделот за безбедност на Цетиње, во координација со Одделот за сузбивање на кривични дела трговија со луѓе, криумчарење луѓе и нелегална миграција и по наредба на државниот обвинител при Вишото државно обвинителство во Подгорица, лишиле од слобода две лица – сопружниците Ш.К. и А.С. од Цетиње, под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе и семејно насилство врз три малолетници на возраст од 8, 13 и 15 години. Малолетниците биле сместени кај осомничените како згрижувачко семејство, врз основа на одлука на Центарот за социјална работа.
Истрагата покажува дека насилството траело од јануари 2022 година, при што првоосомничениот со закани ги терал децата да го сокриваат злоставувањето, а 15-годишното момче било принудувано да работи во угостителски објекти и приватни домови за плаќање долгови и стекнување корист, при што му било ускратено и правото на образование. Воедно, помладите деца биле користени за чување внуци и куќни работи.
Од МВР информираат дека децата се згрижени на безбедна локација со соодветна поддршка, а полицијата продолжува со акцијата за борба против трговијата со луѓе.

