Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во своето обраќање пред светските лидери на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, порача дека актуелната генерација има историска одговорност до 2028 година да го заврши европскиот пат на земјата и да покаже дека Балканот може да ги остави старите поделби зад себе.
Милатовиќ нагласи дека Црна Гора останува цврсто посветена на ефикасен мултилатерализам, регионална соработка, европска интеграција и почитување на меѓународното право, потсетувајќи дека земјата годинава одбележува две децении од членството во Обединетите нации како суверена држава.
„За Црна Гора Европската унија не е само одредиште, туку пат проткаен со вредности на кои државата е силно посветена“, истакна Милатовиќ.
Тој додаде дека Црна Гора е горда што денес го предводи процесот на европска интеграција во регионот и оти е целосно подготвена да послужи како позитивен пример за останатите држави кандидати.
„Нашата цел е јасна: до 2028 година гордо да гледаме како знамето на Црна Гора се вее меѓу знамињата на земјите членки на Европската унија“, порача црногорскиот претседател.
Потсетувајќи на европската перспектива на Западен Балкан која беше зацртана уште на Самитот во Солун во 2003 година, Милатовиќ посочи дека меѓународното опкружување денес е значително променето, а глобалниот поредок влегува во неизвесна фаза. Во такви услови, проширувањето на Европската унија претставува стратешка визија и една од најважните инвестиции во мирот, безбедноста и долгорочната стабилност.
„Иднината на целиот Балкан е во Европската унија“, дециден беше тој.
На крајот од своето обраќање, црногорскиот претседател предупреди дека во време на актуелни војни, геополитички ривалства, климатски промени и брз технолошки развој, меѓународната заедница мора итно да ја обнови довербата во мултилатерализмот, меѓународното право и институциите кои имаат за задача да ги заштитат мирот, безбедноста и човечкото достоинство.

