Државниот натпревар по прва помош ќе се одржи на 26 септември во Скопје, во организација на Црвениот крст на град Скопје.
На натпреварот ќе учествуваат 10 младински екипи кои претходно се пласирале преку општинските и регионалните натпревари. Тие ќе ги одмерат знаењата и практичните вештини за укажување прва помош во различни ситуации.
Учесниците ќе се соочат со реалистично симулирани повреди и итни состојби, при што ќе треба да покажат брза и соодветна реакција.
Натпреварот ќе се одвива на повеќе локации во централното градско подрачје, со главен пункт на Плоштадот „Македонија“. Ќе бидат опфатени и просторот околу МНТ и Музејот на холокаустот, плоштадот „Филип II“, кејот на Вардар, Жена парк, Порта Македонија и просторот во близина на Италијанската амбасада.
На свеченото отворање се очекува обраќање на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој е покровител на настанот.
Организаторите очекуваат на настанот да присуствуваат повеќе од 200 учесници и гости.

