Македонија останува посветена на европската интеграција и на спроведувањето на реформите потребни за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, порача заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.
На дискусијата, како што информира Министерството за европски прашања, се разговарало за напредокот во областа на владеењето на правото во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
Трајков истакнала дека секоја земја кандидат треба да се оценува според сопствениот напредок и исполнувањето на европските стандарди. Според неа, владеењето на правото е основа за функционирање на европска држава и за поголема доверба во институциите.
Таа посочила дека пред земјава остануваат значајни предизвици, а како приоритети во следниот период ги издвоиле подобрата имплементација на реформите, зајакнувањето на институциите и постигнувањето конкретни и одржливи резултати.
Во делот на правосудството, Трајков информирала за преземените законски и институционални мерки насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и ефикасноста на судството и обвинителството.
Зборувајќи за борбата против корупцијата, таа ја истакнала потребата од зајакнување на превентивните и институционалните механизми, со акцент на транспарентноста, интегритетот и отчетноста.
Како еден од чекорите во оваа насока ја посочила и новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година.
Трајков додала дека се работи и на унапредување на законските решенија и механизмите за постапување во случаи на организиран криминал и корупција, како и на реформите во казнената политика.

