Венко Филипче, како дел од раководството на СДС, се противи на секаков економски раст, инвестиции и реално зголемување на минималната плата, соопшти владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку реакцијата на пратеникот Бране Петрушевски.
Од партијата истакнуваат дека Филипче во минатото, за време на неговиот министерски мандат, бил поврзан со сомнителни тендери во здравството за вакцини и проекти за клинички центар, како и со обиди за приватизација во здравствениот сектор. Дополнително, во соопштението се потсетува на трагедиите и починатите за време на пандемијата, како и на случајот со модуларната болница во Тетово.
„Филипче по сето ова, многу е јасно дека не може реално да расудува, не може да носи реални одлуки. Затоа, на Филипче му останува само да глуми грижа за граѓаните“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека владата продолжува со вистинска грижа за граѓаните преку реализација на локални проекти, привлекување инвестиции и подобрување на економската состојба.

