Завршната конференција на проектот „Зајакнување на иднината – Патеки за излез од сиромаштијата преку сеопфатна поддршка и социјална инклузија на деца и семејства погодени од сиромаштија во Северна Македонија“ ќе се одржи денеска во Европската куќа во Скопје. Организатори се Новинари за човекови права (НЧП) и ECPAT Австрија.
На конференцијата ќе учествуваат претставници на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународната заедница, образовниот и социјалниот сектор, како и други чинители вклучени во заштитата на детските права, намалувањето на сиромаштијата и социјалната инклузија.
Утринскиот дел од програмата, од 10 до 12 часот, ќе се одвива преку три паралелни тематски тркалезни маси посветени на намалувањето на сиромаштијата и детската трговија, пристапот до социјални и образовни услуги, како и создавањето безбедни простори и можности за деца во социјален ризик.
На тркалезните маси ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат децата и семејствата во социјален ризик, институционалниот одговор, пристапот до услугите, превенцијата на трговијата со деца и значењето на безбедните и поддржувачки средини за детската благосостојба.
Пленарната сесија ќе започне во 13 часот и ќе трае до 16 часот. На официјалното отворање ќе се обратат проектните координаторки Андреа Накова од Новинари за човекови права и Анита Пинтер од ECPAT Австрија, како и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, австрискиот амбасадор Мартин Памер и аташето за труд и социјала на Австрија во земјава, Харалд Бреза-Фугер.
По отворањето ќе биде прикажано промотивно видео за проектот „Зајакнување на иднината“ и Дневниот центар „ГНЕЗДО“.
Во продолжение се предвидени три панел-сесии на кои ќе бидат презентирани клучните наоди од утринските тркалезни маси. Темите ќе опфатат намалување на сиромаштијата, трговијата со луѓе и улогата на медиумите, системските недостатоци и пристапот до социјални и образовни услуги, како и одржливоста на постигнатите резултати и следните чекори.
Во рамки на настанот ќе биде организирана и тивка аукција на слики од страна на Teatrosk, со можност присутните дополнително да ги поддржат иницијативите наменети за децата и семејствата во социјален ризик.

