Голем шумски пожар избувна денес јужно од Перпињан, во францускиот департман Источни Пиринеи, каде што речиси 200 пожарникари се на терен и вложуваат максимални напори да ја стават огнената стихија под контрола.
Поради исклучително високата опасност од пожари, целиот департман денес е ставен под црвен степен на предупредување, објави телевизијата BFMTV.
Пожарот избувнал во областа Мас Палегри, сместена меѓу зоните Техносуд и Вилнев-де-ла-Рао. Гаснењето е дополнително отежнато од силниот ветер познат како „трамонтана“, како и од високите температури кои надминаа 35 степени Целзиусови. Причината за настанувањето на пожарот засега останува непозната.
„Никогаш претходно сме немале пожари во овој период од годината“, изјави градоначалничката на Вилнев-де-ла-Рао, Жаклин Ирлс.
Досега огнот зафати површина од околу 35 хектари. Во акцијата за гаснење се ангажирани повеќе од 180 пожарникари, седум тимови специјализирани за шумски пожари и над 50 возила. Покрај копнените сили, во акцијата се вклучени и воздухопловни единици, меѓу кои хеликоптер за испуштање вода, авион „Милан“ и хеликоптер „Супер Пума“.
Посебна загриженост кај надлежните предизвика фактот што огнот се приближи многу блиску до станбените домови, но благодарение на брзата интервенција на службите, ситуацијата остана под контрола. Засега нема издадено наредба за евакуација на семејните куќи, но како мерка на претпазливост беа евакуирани депонија за отпад и пансион за кучиња.
Поради ширењето на пожарот, сообраќајот е во прекин – затворен е локалниот пат D914, а во прекин е и железничкиот сообраќај на линијата на SNCF. Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со борбата против огнената стихија, наспроти неповолните временски услови.

