Живееме во регион каде многу пати низ историјата се покажа дека судирите, освен болка и загуба, не носат ништо добро. Тие оставаат празнини во семејствата, рани во заедниците и сенки врз иднината. Тие искуства нѐ учат дека мирот има највисока вредност, но и дека е избор. Затоа се значајни постојаните заложби за негово чување, истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, во своето обраќање по повод Меѓународниот ден на мирот и одбележувањето на 15 години спроведување и развивање на мировното образование во училиштата, во соработка со Првата детска амбасада Меѓаши.

Ивановска ја нагласи важноста од едукацијата на младите во оваа насока, истакнувајќи ја следната порака:
„Бројни наставници поминаа обуки и потоа во училиштата реализираа содржини за ненасилно решавање на конфликти, прифаќање на различностите и охрабрување на младите да поттикнуваат дијалог, толеранција и соработка а не поделби и раздор. Ако од мали децата учат да решаваат несогласувања со разговор, слушање и компромис наместо со кавга, да ги контролираат своите емоции и да ги почитуваат ставовите на другите, тогаш ќе пораснат во граѓани што имаат култура на мир и ја практикуваат во релациите со другите“, посочи Ивановска.
Таа се заблагодари на „Меѓаши“ за ангажирањето во овој чувствителен сегмент и ги повика сите други чинители да помогнат во градењето образование кое оваа држава ќе ја развива во современа и напредна демократска заедница.

Во рамките на одбележувањето, две средни училишта добија признанија за нивниот придонес кон мировното образование – „Ванчо Прке“ од Виница и „Зеф Љуш Марку“ од Скопје. Ивановска нагласи дека најголемата задача ја имаат наставниците кои стекнатото знаење го пренесуваат во училниците, додавајќи дека вистинската награда за нив и за институциите се учениците кои прераснуваат во одговорни граѓани.

