ВМРО-ДПМНЕ информира дека во изминатата година во Општина Крушево се реализираат повеќе проекти насочени кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните.
Според партијата, активностите опфаќаат патна и комунална инфраструктура, водоснабдување, уредување на јавни простори, урбанистичко планирање, спорт и туризам.
Во тек е изградба на пристапната улица до скијачките терени, додека идната обиколница околу Крушево е во тендерска постапка. Се работи и на санација на локалните улици, како и на сообраќаен проект за нови паркинг-места и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се преземаат активности и за подобрување на водоснабдувањето, модернизација на Јавното комунално претпријатие и унапредување на системот за управување со отпад.
Во областа на туризмот и спортот, во завршна фаза се две нови полетувалишта за параглајдинг, а се уредува и дел од спортско-рекреативниот центар Гумење. Започнати се и активности за реконструкција на Крушевската чаршија, додека се подготвува документација за реконструкција на Градскиот пазар и изградба на нова спортска сала.
Паралелно се работи и на урбанистичко-планска документација за Крушево и населените места во општината, како и на документација за изградба на канализациони системи.
Од партијата посочуваат дека целта на проектите е подобрување на инфраструктурата, условите за живот и создавање можности за економски развој на Крушево.

