По „Еко свест“, и „Анима Мунди“ бара итна истрага и утврдување одговорност за случајот со ловењето дивокози во Националниот парк Маврово откако во јавноста излезе снимка на која се гледа како странци ги ловат дивокозите и ја пијат нивната крв.
Ова не е никаков спорт, не е авантура, а најмалку љубов кон природата. Нема ништо нормално во убивањето диво животно за забава, трофеј или комерцијален интерес. Нема ниту едно оправдание во тоа животот на едно слободно суштество да биде сведен на мета, триумф, некаков си адреналин. Но прашањето не е само што гледаме на снимката, зошто девијантни социопати и убијци може да се појават секаде! Прашањето е кој го дозволил ова, кој го овозможил, кој контролирал и кој знаел, велат од Анима Мунди.
Оттаму бараат итен мораторум на активностите што можат да ги загрозат природните вредности на подрачјето.
Заштитените животни мора да бидат заштитени и во реалноста, а не само на хартија. Маврово мора да биде заштитено. Дивиот свет мора да биде заштитен, порачува Анима Мунди.

