Сообраќајниот пристап до кабарето „Пулс“ во Кочани бил сериозно отежнат поради големиот број паркирани возила, а при една од контролите сопственикот Дејан Јованов не ја дал лиценцата за работа на увид, сведочеше денеска самостојниот инспектор при Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, Деспина Симеонова.
Симеонова сведочеше на судењето против деветтемина полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“. Таа појасни дека во периодот од 2022 до 2023 година континуирано работели како инспектори за странци во угостителски објекти и хотели, а контролите се вршеле во ноќните часови. Опишувајќи ја состојбата пред самиот објект, таа истакна:
„Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот којшто се користи од хотелот во близина е преполн, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила“.
Инспекторката потврди дека за време на една акција, документот бил побаран од нејзиниот колега Златко Кузмановски.
„На барање на колегата Златко Кузмановски, кој беше одговорен за акцискиот план, во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов лиценцата не ни беше покажана, ниту дадена на увид, со објаснување дека е многу доцна да го бара книговодителот бидејќи не е во просториите на дискотеката и дека ќе ја донесе во понеделник“, сведочеше Симеонова, додавајќи дека Јованов тврдел оти документите за обновување биле поднесени во Скопје.
Судскиот процес продолжува со сослушување нови сведоци.

