Повеќе од три децении живот со родителите? За младите во Северна Македонија тоа не е исклучок. Според најновите податоци на Евростат, младите во земјава во просек го напуштаат родителскиот дом на 30,7 години.
Тоа е значително подоцна од европскиот просек од 26,3 години. Најдоцна се осамостојуваат младите во Хрватска, на 31,5 години, а по неа се Грција и Словачка со 30,9 години.
За разлика од нив, во Финска младите го напуштаат домот на 21,4 години, во Данска на 21,8, а во Естонија и Литванија на 22,7 години.
И во регионот возраста на осамостојување е повисока од просекот на ЕУ. Во Србија таа изнесува 30,1 година, во Босна и Херцеговина 29,5, а во Бугарија 27,9 години.
Податоците на Евростат покажуваат и поврзаност со вработеноста. Во ЕУ, стапката на вработеност кај младите од 20 до 29 години во 2025 година изнесувала 65,5 отсто.
Во Северна Македонија, пак, во истата година биле вработени 50,2 отсто од младите во оваа возрасна група.

