Економската соработка меѓу двете земји и поддршката на САД во делот на реформските процеси на Македонија, била во фокусот на средбата на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски со Никол Варнс, вршител на должноста, амбасадор на САД во земјава.
Николоски и Варнс констатирале дека економските врски меѓу двете земји исто така се на високо ниво, а трговската размена бележи позитивен тренд.
-Заменик претседателот Николоски, на средбата истакна дека развојните политики на Владата се насочени кон економски развој, токму преку реализација на крупните капитални проекти кои водат кон регионалното поврзување и интеграција. Тој додаде дека изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10-д се реализираат со одлична динамика согласно предвидените рокови – стои во соопштението на Министерството за транспорт.
Двајцата говорници го поздравиле стратешкото партнерство меѓу двете земји, исткнувајќи дека тоа е гарант за обезбедување на стабилност во земјата и регионот.
Македонија и САД имаат одлични билатерални односи, бил заклучокот од средбата и во насока на истите постои силна подготвеност за унапредување на соработката во области од заемен интерес.

