Пред Федералниот суд во Менхетен е објавено обвинение на ФБИ против руска разузнавачка мрежа која со години дејствувала на американска и меѓународна почва. Според надлежните, пет лица кои се дел од оваа мрежа сè уште се на слобода.
Мрежата е опишана како „огранок на апаратот на Руската Федерација за надворешни напади“, а активна била најмалку од 2024 година. Иако првично ги таргетирала руските дисиденти и дезертери, во последно време нејзините цели се проширија и кон сојузничките земји на Украина.
Како функционирала мрежата?
Според наводите од истрагата, организацијата регрутирала и плаќала (или се обидувала да плати) лица во САД и во странство за остварување на следните цели:
- Следење и ликвидации: Регрутираните соработници ги следеле целите кои подоцна требало да бидат отстранети.
- Терористички акти: Соработниците биле повикувани да извршуваат терористички напади против цивилна и воена инфраструктура во европски земји поврзани со Украина.
Одбиена понуда од 40.000 долари за ликвидација
Во текот на летото, мрежата успеала да регрутира лице со седиште во САД за да следи истакнат руски дисидент. Иако соработникот ги доставил бараните фотографии и видеоснимки од локациите, ја одбило понудата од 40.000 долари за да ја изврши самата „ликвидација“. По ова одбивање, мрежата се обидела да ангажира други лица во САД нудејќи им големи парични суми.
„Плановите беа спречени благодарение на напорната работа на федералните агенти“, изјави шефот на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, нагласувајќи дека руската мрежа имала за цел да заплашува, се заканува и убива луѓе на американска територија и ширум светот.

