Организацијата на Обединетите нации во Скопје ќе го поддржи Министерството за односи меѓу заедниците во спроведувањето на неговата Стратегија, со фокус на зајакнувањето на социјалната кохезија, инклузијата и креирањето јавни политики засновани на конкретни податоци и докази.
Како што соопшти Министерството за односи меѓу заедниците, ова било фокус на состанокот за соработка и размена на идеи што се одржал во канцелариите на ОН во Скопје, на кој учествувале претставничките на ОН Лаура Фиорото и Ардита Зекири, како и шефот на Кабинетот на министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати – Шпенд Мурати и претставниците на Министерството Суеда Бајрами и Џелал Чајани.
На средбата биле разгледани можностите за поддршка на Министерството во спроведувањето на Стратегијата преку користење на истражувања, податоци и анализи како основа за креирање и спроведување поефективни политики.
Во таа насока, како што посочуваат од Министерството, акцент бил ставен на зајакнувањето на социјалната кохезија и создавањето посилни, поинклузивни и поотпорни заедници.
Една од главните теми на разговорот била SCORE Social Cohesion Survey, кој обезбедува значајни податоци и сознанија за факторите кои влијаат врз социјалната кохезија, односите меѓу заедниците и предизвиците со кои се соочува општеството.
Од Министерството информираат дека податоците и резултатите од истражувањата треба да служат како основа за конкретни активности и јавни политики. Таквиот пристап овозможува спроведувањето на Стратегијата на Министерството да биде повеќе насочено кон реалните потреби на граѓаните, да се темели на докази и да обезбедува мерливи резултати.

