Иако сме во втората половина на септември, до крајот на неделата не се очекува вистинско есенско заладување. Денеска во Скопје температурата ќе достигне околу 28 степени, а утре се очекува пократкотрајна промена на времето со повеќе облаци, локални врнежи и пад на дневната температура до околу 24 степени.
Од среда повторно следува стабилизирање и затоплување. Во среда се очекуваат околу 28 степени, а во четврток и петок максималната температура повторно ќе се искачи до околу 31 степен, со претежно сончево време.
За време на викендот ќе остане топло и главно стабилно – во сабота околу 29, а во недела околу 28 степени. Утринските температури, сепак, веќе јасно го најавуваат преминот кон есен и во следните денови ќе се движат меѓу 9 и 14 степени.
Климатолошки, односно метеоролошки, есента веќе започна на 1 септември, но температурите до крајот на оваа недела ќе останат значително повисоки и ќе наликуваат на доцно лето. Астрономската есен годинава започнува на 23 септември, а според сегашните прогнози посериозен и потраен пад на дневните температури не се гледа пред крајот на оваа недела.
Практично, утрешните врнежи ќе бидат само краток есенски сигнал, по што повторно следуваат неколку сончеви и многу топли септемвриски денови.

