Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница упати серија обвинувања до министерката за образование и наука Весна Јаневска, оценувајќи дека политиката на оптимизација дава погубни резултати во образовниот систем.
Лукаревска посочи дека новата учебна година започнала со над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта и 433 паралелки помалку, додека околу 250 деца, главно првачиња, на првиот училишен ден останале без потребните образовни асистенти.
Таа ја критикуваше состојбата со наставниот кадар, наведувајќи дека околу 5.000 наставници се прогласени за вишок. Покрај ова, Лукаревска укажа и на проблеми со превозот на средношколците од Свети Николе и Кочани кои учат во Штип, како и на недостигот од целодневна настава во одредени училишта.
Пратеничката потсети на претходни изјави на министерката и упати директно прашање во однос на пренамената на училишните објекти.
„Имавте една интересна изјава уште на самиот почеток кога станавте министер ,, Децата учат англиски од серии, и не им требаат учебници ,,. Сега на 1 септември на стартот на учебната година , на најмалите , првачињата им порачавте ,освен тоа што треба да бараат знаење, треба да бараат од своите родители ,братче и сестриче . И тука ја кренавте јавноста на нозе, без исклучок. Не внимавајќи на фактот дека не секое семејство е семејство од сликовница и дека не секое дете живее како од бајките и дека не сите родители имаат можност да си дозволат уште едно братче или сестриче“, изјави Лукаревска.
Таа го цитираше и ставот на Јаневска во врска со затворените подрачни училишта:
„Но онаа изјава која ми остави впечаток , иако од лани , сепак оригинална изјава со која ги оправдавте Вашите погубни политики на оптимизација и ред друго, таа гласи вака, цитирам – ,, Одреден број училишта се затворени. Не ме фаќајте за збор, мислам дека околу стотина училишта подрачни веќе се затворени. Некои без да го почнеме ние процесот затоа што таму нема веќе деца. Стојат така зградите. Им препорачувам на градоначалниците да им најдат нова употреба, од нас нема да имаат никаков проблем. Оти не е ни за градинка, нема деца, но можат нешто друго… не знам, можеби старски дом, можеби некаков клуб и така натаму. Ваша изјава од 20 јули 2025 година“.
Лукаревска се осврна и на слабите резултати на учениците на ПИСА-тестирањето, каде што само една третина покажале основно ниво на знаење по математика и читање, заклучувајќи дека состојбите се алармантни.
„Па после сите овие бисери, моето конкретно прашање до Вас е дали сеуште стоите зад Вашата изјава дека училиштата кои ги затворивте и допрва ќе ги затворивте ќе станат старски домови?“, праша Лукаревска од собраниската говорница.

