Државниот завод за ревизија утврдил дека првата и втората фаза од железничкиот Коридор 8 не биле завршени, а државата платила 4,6 милиони евра провизии за неповлечени средства. ДЗР констатирал неефикасно управување со овие стратешки проекти, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од прес-конференцијата на пратеникот Алексадар Велјановски.
Од владејачката партија посочуваат дека поради ова проектот доцнел со години, а граѓаните плаќале милионски суми за провизии без да добијат инфраструктурен резултат.
„Дополнително, ДЗР тогаш предупредил и на ризик од губење 61 милион евра ИПА-грант за третата фаза на железничкиот Коридор 8“, се вели во соопштението.
Александар Велјановски побара соодветна реакција од правосудните органи за констатираните состојби во ревизорскиот извештај.
„Ова не смее да остане само ревизорски наод. Бараме Јавното обвинителство да реагира и да го истражи извештајот на ДЗР“, изјави Велјановски.
Тој побара обвинителството да го испита процесот на настанување на финансиските трошоци и одговорноста на тогашните функционери.
„ЈО да утврди како настанале 4,6 милиони евра провизии, кои лица биле одговорни за доцнењето и дали со нивното постапување или непостапување е предизвикана штета за државата“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Велјановски го заврши своето обраќање со критика кон претходната власт.
„Ова е само дел од владеењето на СДС и ДУИ, кои ние денес го плаќаме на разни начини. Не сме исти. Разликата е евидентна“, рече тој.

