Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од проширувањето на производниот капацитет на компанијата „ВИК“ во Прилеп, инвестиција за која се очекува да обезбеди дополнителни 300 вработувања кога ќе го достигне својот полн капацитет.

Премиерот посочи дека оваа компанија е важен партнер за Пелагонискиот Регион, која успешно работи во Прилеп уште од 2018 година.

„Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она коешто институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор. Посебно кога имаме ваков тип на инвестиција којашто има фокус на циркуларната економија, односно економија којашто е многу важна сега во Европа, економија којашто има за цел сето она коешто е старо и искористено да го рециклира и да го обнови, практично. Тоа е она коешто претставува додадена вредност и тоа е она коешто претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија“, изјави Мицкоски.

Тој искажа благодарност до сопственикот на компанијата за довербата во земјата и во прилепската економска зона.

Покрај тоа, премиерот упати благодарност и до раководството на ТИРЗ, градоначалникот на Прилеп, пратениците и владиниот тим за поддршката, нагласувајќи ја важноста на соработката со локалните образовни институции за обезбедување стручен кадар.

Мицкоски заклучи дека Владата останува фокусирана на привлекување нови инвестиции и реализација на дадените ветувања пред граѓаните.


