Поранешниот директор на Државна лотарија и првообвинет во предметот, Перпарим Бајрами, утрово му се предаде на истражните органи на граничниот премин „Блаце“, по што е спроведен во затворот во Скопје. Поради ова, Основниот кривичен суд Скопје ги отповика рочиштата закажани за 11 и 16 септември и судењето го презакажа за 18 септември.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека одложувањето е со цел на обвинетиот да му се овозможи законскиот рок од осум дена за увид во обвинителниот предлог и доказите.
Управата на КПУ Затвор Скопје го извести Основниот кривичен суд Скопје дека Перпарим Бајрами, прво обвинет во предметот со К.бр. 1494/26 поврзан со Државната лотарија, а кој се барање со меѓународна потерница, утрово, нешто по 7 часот е спроведен во затворот на издржување на претходно определената мерка притвор. Заради тоа судот, во текот на денов, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена, расправите насрочени за 11 ти и 16 ти септември се отповикуваат а судењето ќе продолжи на 18 ти септември во 12:00 часот – информира Кривичниот суд.
За Бајрами беше распишана меѓународна потерница откако претходно беше недостапен за органите на прогонот. По неговото спроведување во истражниот затвор, од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека судската постапка против него за злоупотреба на службената положба е во тек, но и дека против него се водат и други истраги.
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје против обвинетиот се води судска постапка. За него, по предлог на јавен обвинител, веќе е определена мерка притвор која е активна. Судската постапка во која тој е обвинет за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик е во тек. Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења, наведуваат од ОЈО Скопје.
Покрај Бајрами, во овој предмет за злоупотреби во „Државна лотарија“ се обвинети и поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На рочиштето што се одржа неделава, обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина. Единствено Башким Авдиу изјави дека не го разбира обвинението и побара да му биде доставено на неговиот мајчин, албански јазик.
Обвинението, застапувано од јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, товарeше дека во текот на 2023 и 2024 година обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

