Во Штип почнува изградбата на ветерниот парк на компанијата „Алказар енерџи“, проект со планиран капацитет до 396 мегавати и инвестиција вредна повеќе од 500 милиони долари.
Паркот треба да има до 54 ветерни турбини и, по целосното пуштање во употреба, значително да го зголеми производството на електрична енергија од ветер во земјава.
Вицепремиерот Александар Николоски, кој присуствуваше на почетокот на реализацијата, оцени дека проектот е доказ за ориентацијата на државата кон обновливи извори на енергија и поголема енергетска стабилност.
Проектот се реализира на подрачјето на Штип, Радовиш и Карбинци, а според најавите ветерниот парк треба да биде пуштен во употреба во следните три години.
Од компанијата претходно информираа дека по завршувањето паркoт ќе може да произведува електрична енергија доволна за снабдување на повеќе од 150.000 домаќинства.

