Седумдесетгодишен пациент од скопската населба Драчево почина на Клиниката за инфективни болести како последица на западнонилска треска, со што бројот на жртви од овој вирус годинава се искачи на осум.
Починатиот бил во критична здравствена состојба и имал повеќе претходни коморбидитети. Сите досега регистрирани починати лица од западнонилска треска се мажи на возраст од 62 до 83 години, кои исто така имале и други хронични заболувања.
Институтот за јавно здравје информира дека досега во државата се потврдени вкупно 58 случаи на заболени од вирусот Западен Нил, од кои два нови беа регистрирани во текот на вчерашниот ден.
Според податоците на здравствените власти, најголем дел од пријавените случаи се евидентирани на подрачјето на Скопје, поточно во општините Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба и Бутел.

