Познатиот украински гинеколог и репродуктолог, 71-годишниот д-р Игор Иљин, утрово бил тешко ранет во вооружен напад што се случил непосредно пред неговата клиника за репродуктивна медицина во Киев.
Инцидентот се случил околу 10 часот наутро на улицата Житомирска, на околу три метри од самиот влез во објектот. Непознатиот напаѓач од близина испукал повеќе од 20 проектили кон лекарот. Иако првично се верувало дека се работи за боева муниција, истрагата утврдила дека станува збор за гумени куршуми.
Шест од нив го погодиле Иљин во главата, а 14 во телото. Според сведоштвата, откако ја потрошил муницијата, напаѓачот продолжил физички да го удира докторот во главата, по што побегнал од местото.
Д-р Иљин ја преживеал пукотницата, но е хоспитализиран и се наоѓа во сериозна здравствена состојба. Полицијата и истражните органи се сомневаат дека станува збор за претходно планиран и целен напад.
Осомничениот за нападот е маж на возраст меѓу 35 и 40 години, со кратка темна коса. Во моментот на нападот носел капа, црна спортска облека, патики и ранец во воен стил. По движењето на напаѓачот се трага преку снимките од околните камери за видеонадзор.
Полицијата во Киев започна специјална операција за лоцирање и апсење на сторителот, кој сѐ уште е во бегство.
Д-р Игор Иљин е познат акушер-гинеколог и кандидат за медицински науки, кој во 1998 година ја основал оваа здравствена установа. Клиниката важи за една од водечките за третман на женска и машка неплодност во украинскиот главен град.

