Училиштата треба да ја приспособат наставата на високите температури согласно протоколите на Министерството за образование и наука, но жешкото време само по себе не значи автоматско скратување на часовите, изјави министерката Весна Јаневска.
Протоколите се доставени до сите училишта и содржат насоки за проветрување на училниците, отворање и затворање на прозорците, како и за активностите што треба да се организираат во услови на високи температури.
Јаневска посочи дека кога е многу топло, наставата по физичко образование може да се замени со помалку напорни активности, а училиштата треба да се приспособуваат на условите без да се прекинува наставниот процес.
На прашањето дали училиштата ќе добијат клима-уреди, министерката рече дека тоа ќе се случи кога државата ќе има можност да обезбеди клими за сите училишта.
Градоначалникот на Аеродром Дејан Митески, пак, изјави дека во училиштата во општината часовите ќе бидат скратени доколку биде активирана жолта фаза поради високите температури.

