Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска им го честиташе почетокот на школувањето на најмладите ученици, порачувајќи им дека знаењето е една од највредните инвестиции во животот.
Таа, заедно со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, присуствуваше на првиот училиштен час за првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, со што симболично беше означен стартот на новата учебна година.
Обраќајќи им се на децата, претседателката ги охрабри да бидат љубопитни, да поставуваат прашања и постојано да учат. Според неа, стекнатото знаење ќе им овозможи подобро да го разбираат светот и да станат посамостојни.
„Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате. Ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа вложувајте во себе и учете. Нема подобар пријател од книгата“, им порача Сиљановска-Давкова.
Таа ги повика првачињата да не се стремат само кон добри оценки, туку пред сè кон вистинско знаење, успех и развивање критичко размислување. Воедно, им порача да создаваат убави односи со соучениците и наставниците и да го избегнуваат секој облик на насилство.
„Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и со учениците“, порача претседателката.
Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, сподели дека и самата би сакала повторно да се врати во училишните денови, особено во средина во која се негуваат знаењето и успехот. Таа ја истакна и важноста на учителската професија.
„Нема подобра работа од учителската“, рече претседателката, посакувајќи им на првачињата успешни училишни години исполнети со знаење, прашања и нови одговори.
Најмладите ученици ги поздрави и градоначалникот Пецаков, кој им порача дека првиот училиштен ден е посебен почеток на едно ново животно поглавје.
Тој посочи дека училиштето не е само место каде што се учи да се чита и пишува, туку и средина во која децата ги учат вредностите на другарството, почитувањето и меѓусебната помош.
„Бидете љубопитни, вредни и насмеани и уживајте во секој училиштен ден“, им порача Пецаков.
До родителите тој упати апел да им бидат поддршка на своите деца, додека од наставниците побара со посветеност да продолжат да придонесуваат кон нивниот образовен и воспитен развој.
Пецаков најави дека Општина Охрид и во иднина ќе вложува во училиштата и ќе работи на подобрување на условите за учениците.
Првиот училиштен ден за првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“ беше збогатен и со пригодна програма организирана специјално за најмладите ученици.

