Фондот за здравствено осигурување во текот на август исплатил 623.150.780 денари за надоместоци на плата поради привремена спреченост за работа.
Од вкупната сума, повеќе од 414 милиони денари биле наменети за породилни отсуства.
Од ФЗО велат дека станува збор за една од повисоките месечни исплати, која била реализирана преку забрзана обработка на предметите и планирање на средствата со цел исплатите кон осигурениците да се одвиваат без прекини.
Предметите, како што информираат од Фондот, биле разгледувани според датумот на поднесување, при што предност имале постарите барања. На тој начин, целта е надоместоците за боледување и породилните отсуства да се исплаќаат навремено и континуирано.
Посебен акцент бил ставен на породилните надоместоци, по насока на генералниот директор на ФЗО, Златко Перински. Од Фондот посочуваат дека и покрај издвоените средства за оваа намена, редовно биле сервисирани и останатите финансиски обврски.
Од ФЗО најавуваат дека ваквата динамика ќе продолжи и во наредниот период, со фокус на пократко време за обработка на барањата и поредовни исплати.
„Зад овие бројки стојат осигуреници и семејства за кои навремената исплата значи сигурност во период кога им е најпотребна“, велат од Фондот.

