На еден ден пред почетокот на новата учебна година, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ги потсети родителите и учениците на правилото за забрана на поседување и користење мобилни телефони и други електронски уреди за време на наставниот процес.
Стефковски истакна дека оваа мерка има за цел да ја подобри концентрацијата и квалитетот на наставата во училниците.
„Ова правило не е воведено без причина. Денес мобилниот телефон е дел од нашето секојдневие, но во училницата неговото присуство често значи помалку внимание, помала концентрација и потешко следење на наставата. Самото ѕвонење, известување или потребата да се провери телефонот може да го прекине вниманието на ученикот, но и да го наруши текот на часот за целата паралелка“, изјави Стефковски.
Тој појасни дека отстранувањето на телефоните од часовите создава подобри услови за учење и меѓусебна комуникација.
„Кога мобилните телефони не се присутни во училницата, учениците имаат можност полесно да се концентрираат, активно да учествуваат во наставата, да поставуваат прашања, да разговараат и соработуваат со своите соученици, а наставниците можат непречено да го реализираат наставниот процес. На тој начин создаваме средина во која часот е посветен на она што е најважно – учењето, вниманието, комуникацијата и развивањето на знаења и вештини“, додаде градоначалникот.
Градоначалникот упати апел до сите засегнати страни за заедничка поддршка и почитување на ова правило уште од првиот училиштен ден.
„Затоа, Ве повикувам заеднички да го почитуваме ова правило уште од првиот ден. Со поддршката од родителите и одговорниот однос на учениците, можеме да создадеме училиште во кое времето поминато на час навистина ќе биде време за учење, дружење и напредок. Ви благодариме за разбирањето и соработката. Да започнеме со внимание, почит и желба за знаење“, порача Стефковски.

