ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува тримесечна кампања за ажурирање на постојното членство и запишување нови членови под мотото „Заедно за иднина – Приклучи се!“, соопшти денеска генералниот секретар и пратеник на партијата, Драган Ковачки.
Кампањата ќе трае до 30 ноември, а целта е изградба на посовремена и поорганизирана политичка структура.
Во рамки на процесот, за првпат се воведува и можност за целосно дигитално зачленување преку нова веб и мобилна апликација.
„Нашата партиска ИТ комисија изработи веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети, а мобилната верзија е доставена до Google и до Apple и после нејзиното одобрување ќе биде достапна и на мобилните телефони, за што дополнително ќе ја известиме јавноста. Тоа значи пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата за членството ќе можат да се завршат дигитално, од телефон, за само неколку минути“, изјави Ковачки.
Тој појасни дека дигиталниот процес е дополнителна можност, но дека нема да го замени традиционалниот начин на зачленување.
„Секој што сака лично да го ажурира своето членство или да се зачлени ќе може тоа да го направи во општинските комитети. Од 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17:00 до 20:00 часот, нашите општински комитети ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да ни се приклучуваат“, истакна тој.
Ковачки ги повика сите постојни членови да ги потврдат своите податоци, а вратите се отворени и за сите граѓани кои сакаат да се приклучат без потреба од препораки.
Од партијата напоменуваат дека сите лични податоци ќе се обработуваат согласно Законот за заштита на личните податоци.

