Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино повторно ќе продолжи, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ против одлуката со која во мај беше запрена постапката против 13 физички и едно правно лице.
Вишото обвинителство утврдило слабости во вештачењата врз кои обвинителот од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ја темелел одлуката за запирање на истрагата и наложило да се приберат дополнителни податоци од повеќе институции и да се направат нови вештачења.
“Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино. Со одлуката, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување.
Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.“ – велат во соопштение од Обвинителството
ОЈО ГОКК сега повторно ќе треба да испитува дали и кој од осомничените преземал директни дејствија или помагал преку злоупотреба на средствата од државниот буџет, користејќи ја повластената постапка од член 23 од Законот за јавни набавки, за да се овозможи имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговата компанија.
Случајот беше отворен на 11 март 2025 година, по повеќемесечна предистражна постапка иницирана од Антикорупциската комисија и кривична пријава од МВР. Истрагата опфати 13 физички лица и една компанија поради сомнение за злоупотреба на постапка за јавен повик и доделување договор за јавна набавка, како и за перење пари.
Во предметот беа опфатени бизнисмените Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски од компанијата РКМ, сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски, поранешните директори на ЕСМ и други.
Првичната теза на обвинителството беше дека во периодот од 2021 до 2023 година двајца осомничени, како основачи и управители на компанијата, поднеле невистинита документација во постапките за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино и со прекршување на правилата оствариле корист од големи размери на штета на државниот буџет.
Тогашната проценка на истрагата беше дека станува збор за износ од 10,3 милијарди денари, односно околу 167,55 милиони евра. Обвинителството тврдеше дека во шемата им помогнале вработени и раководни лица во ЕСМ – од генерален директор и директори на сектори до членови на комисии за јавни набавки – кои наводно овозможиле договори со компанијата иако знаеле дека не ги исполнува потребните критериуми.
Дел од истрагата се однесуваше и на сомнение за перење пари. Според првичната наредба, дел од парите биле трансферирани на банкарски сметки и подигнувани во готовина, со дел биле купени две возила „мерцедес“, а 72 милиони денари биле префрлени врз основа на договор за посредување за кој обвинителството тогаш се сомневаше дека бил само привидна основа за трансакциите.
По нешто повеќе од една година истрага, на 12 мај 2026 година ОЈО ГОКК ја запре постапката. Образложението беше дека прибраните докази не го потврдиле сомнението дека осомничените ги сториле кривичните дела.
Обвинителството тогаш соопшти дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и со примена на законскиот исклучок од член 23 од Законот за јавни набавки. Според тогашните наоди, биле контактирани операторите со лиценца за трговија со мазут, испораките биле навремени и немало прекин во производството на електрична енергија.
Тогаш беше заклучено и дека не е утврдена штета ниту за ЕСМ ниту за државниот буџет и дека парите исплатени по договорите не можат да се третираат како противправно стекната корист, поради што не биле потврдени ниту сомневањата за перење пари.
ЕСМ не се согласи со ваквата одлука и на 20 мај поднесе приговор, наведувајќи дека постојат неправилности во начинот на кој била водена постапката и барајќи дополнителна контрола.
Сега Вишото јавно обвинителство практично го урива клучниот основ врз кој беше запрена истрагата – оценува дека вештачењата имаат слабости и бара ново испитување на финансиските и другите околности.

