Српската репрезентација во баскет 3х3 се повлече од Медитеранските игри во Таранто непосредно пред натпреварот против Косово.
Србија со ждрепка беше сместена во група со Косово, Турција и Португалија, но на денот кога требаше да се одигра дуелот со косовската селекција, српскиот тим повеќе не се водел меѓу учесниците во групата.
Кошаркарскиот сојуз на Србија засега нема официјално соопштение за причините за повлекувањето, додека од косовската федерација потврдиле дека Србија се откажала од натпреварувањето.
Ова не е прв случај на директен дуел меѓу спортисти од Србија и Косово на овогодишните Медитерански игри. Во теквондо веќе биле одиграни два меча, во кои српските претставници Жарко Крајишник и Јана Лукиќ ги совладале своите противници од Косово.
Директни пресметки имало и во бокс и џудо. Косовската боксерка Донјета Садику во финалето до 60 килограми ја победила Кристина Кулахова, која настапува за Србија, додека во џудо Михајло Симин го совладал Даран Цену.
Следниот директен дуел требаше да биде токму во баскет 3х3, но Србија пред натпреварот се повлече од понатамошното учество на турнирот.

