Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Берово повторно застана во одбрана на развојот на индустријата со дата-центри во Македонија, оценувајќи дека станува збор за неповратен процес и сектор во кој државата треба да се позиционира ако сака да биде лидер во регионот.
Говорејќи за иницијативата во Пехчево, Мицкоски рече дека станува збор за приватна иницијатива и дека локалниот Совет и Општината веќе го кажале својот став. Сепак, нагласи дека Владата останува на целта за развој на ваков тип индустрија на локации каде што има услови и каде што тоа е дозволено со закон.
„Ние како држава апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен“, изјави Мицкоски.
Тој ги отфрли критиките на опозицијата, оценувајќи дека дел од јавните пораки за ризиците од дата-центрите се политизирани и се темелат на застарени аргументи. Според него, не може однапред да се тврди дека ваквите инвестиции ќе имаат негативно влијание врз квалитетот на животот.
Мицкоски порача дека државата треба да одлучи дали сака да биде лидер во регионот или повторно да остане на дното, додавајќи дека и политички и професионално стои зад развојот на оваа индустрија.
„Јас апсолутно и политички, и како професор и како инженер, стојам зад изградбата на оваа индустрија и ќе ја поддржам целосно“, рече премиерот, додавајќи дека Владата ќе преземе и институционален ризик за развојот на секторот.
Во однос на едно од главните прашања во јавноста – кој ќе ја плаќа електричната енергија што ќе ја трошат дата-центрите – Мицкоски рече дека трошокот ќе биде на инвеститорот.
„Струјата ќе ја плати оној кој што ќе ја троши, по цена по која ќе ја договори на слободниот пазар“, изјави тој.
Премиерот се осврна и на дебатата околу потрошувачката на вода за ладење на дата-центрите. Според него, дел од критиките се темелат на технологии стари 10, 15 или 20 години и не ги земаат предвид современите системи.
Мицкоски посочи дека денес постојат различни начини на ладење, зависно од намената на дата-центарот и од тоа дали инфраструктурата ќе се користи за вештачка интелигенција или за други дигитални услуги.
Изјавата доаѓа во период на засилена политичка дебата околу најавите на Владата дека разговара со повеќе потенцијални инвеститори за дата-центри, додека опозицијата бара да бидат објавени деталите за потрошувачката на струја и вода, условите што би им се понудиле на инвеститорите и економската корист за државата.

