Бугарската општина Елин Пелин воведува значително повисока еднократна финансиска помош за новородени деца, во обид да го поттикне наталитетот и да привлече повеќе млади семејства.
Според новата мерка, за прво дете семејствата ќе добиваат по 1.000 евра, за второ 1.500 евра, а за трето и секое следно дете поддршката ќе достигнува дури 10.000 евра.
Од локалната власт велат дека целта е да се создадат подобри услови за младите брачни двојки и да се мотивираат да останат или да се преселат во Елин Пелин, општина во близина на Софија.
Мерката е дел од пошироките обиди на локалните власти во Бугарија да одговорат на долгогодишниот пад на наталитетот и иселувањето на младото население.
Со новите износи, Елин Пелин се вбројува меѓу бугарските општини со највисока локална финансиска поддршка за новородени деца.

