Европската Унија подготвува промени што би можеле значително да го измени идното напредување на земјите кандидатки кон членство. Европската комесарка за проширување Марта Кос ги презентираше клучните елементи од предлогот на Европската комисија, кои предвидуваат постепена интеграција, построги проверки и измени во процесот на донесување одлуки во ЕУ.
Зборувајќи на Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб, Кос истакна дека геополитичките околности се променети и дека сегашниот модел повеќе не соодветствува на новата европска реалност. Како што објави „Euronews“, предложените насоки треба да одговорат на прашањето како би функционирала Унијата со повеќе од 30 членки.
Кос ја спореди состојбата со нов „Хелсиншки момент“, алудирајќи на големото проширување по Студената војна. Таа додаде дека ЕУ мора да спроведе внатрешни реформи за да ја задржи ефикасноста.
Реформи за намалување на можностите за блокади
Една од клучните измени се однесува на процесот на одлучување, при што Кос предложи намалување на областите во кои поединечни држави можат да стават вето.
„Треба да го искористиме ова за да го направиме процесот на донесување одлуки поефикасен и пофлексибилен. Ова би можело да значи и намалување на бројот на области во кои една земја-членка може да ги блокира сите други. Ова би можело да значи и намалување на нашите институции“, рече Кос.
Таа додаде дека за одредени иницијативи може да се користи моделот на засилена соработка, каков што претходно се применуваше за Шенген и еврозоната.
Заштита на демократските стандарди и реакција од Вучиќ
Комесарката истакна дека по приемот на новите членки мора да има построги заштитни механизми за да се спречи нивното отстапување од европските вредности.
„Треба да одиме чекор понатаму. Мора да се осигураме дека нема да пуштиме тројански коњи. Ниту денес, ниту за 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека можеби ќе бидат потребни посилни заштитни мерки за да се спречат и, доколку е потребно, да се исправат кршењата на основните принципи и вредности на нашата Унија“, посочи Кос.
Таа нагласи дека ЕУ сака да ја напушти логиката „сè или ништо“ и да овозможи постепено пристапување до одредени системи, како што се SEPA зоната за плаќања и енергетскиот систем.
„Затоа, мора да се оддалечиме од логиката „сè или ништо“ на проширувањето. Ни треба поструктурен пристап за да го премостиме времето што повеќе го немаме. Треба да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција“, нагласи Кос.
На овие изјави реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ за време на посетата на Расинскиот округ.
„Да бев циник и малку груб, би рекол дека Марта Кос би сакала да види овци, а не коњи, но не сум, па затоа нема да го кажам тоа. Нека си ја работат работата, нека се заштитат себеси. Не им требаат тројански коњи, ваков коњ или таков коњ, не им треба ништо. Тие се самоодржливи“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Србија останува на европскиот пат, но дека фокусот ќе биде ставен на економскиот развој.
„Им посакувам се најдобро во животот, најдобра можна соработка. Ќе продолжиме да бидеме на европскиот пат, но треба малку побрзо да растеме, малку побрзо да се развиваме. Тоа е наше, да растеме побрзо, да можеме да имаме добри домаќини, да имаме повеќе деца и Србија побрзо да напредува“, изјави српскиот претседател.

