Починатиот сопственик на OnlyFans, Леонид Радвински, добил повеќе од 700 милиони долари дивиденда во периодот пред неговата смрт, покажува годишниот извештај на компанијата Fenix International, која стои зад платформата.
Компанијата минатата година остварила профит од 714 милиони долари пред оданочување, што е раст од пет проценти во однос на 2024 година. За финансиската година што завршила на 30 ноември 2025 година биле исплатени 535 милиони долари дивиденда, а до 26 март годинава уште 174 милиони долари.
Радвински, кој имал 43 години, починал на 23 март од рак. Тој го купил OnlyFans од британските основачи во 2018 година, а по неговата смрт компанијата преминала во сопственост на неговата вдовица Екатерина „Кејти“ Чудновски.
OnlyFans во 2025 година имал околу 132 милиони претплатници и 2,5 милиони активни креатори. Платформата зема 20 проценти од сите плаќања, а останатите средства им се исплаќаат на креаторите. Компанијата има само 47 вработени, и покрај високата профитабилност.
Извршната директорка Кејли Блер соопшти дека од основањето на платформата на креаторите им биле исплатени повеќе од 30 милијарди долари, додека компанијата од 2016 година платила над 600 милиони фунти корпоративен данок во Велика Британија.

