Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за време на посетата на Израел, се сретна со својот израелски колега Гидеон Саар. На средбата биле потврдени добрите односи меѓу двете земји и подготвеноста за нивно натамошно продлабочување.
Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, разговорите биле насочени кон унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, меѓу кои економијата, одбраната, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот.
Муцунски оценил дека посетата е можност добрите политички односи да се преточат во поконкретна и поинтензивна соработка.
„Посетата е можност силните политички односи да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот“, истакнал Муцунски.
Во рамки на посетата биле потпишани и два билатерални документи – Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот 2026-2029 година и Меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
Од Министерството наведуваат дека документите дополнително ја зајакнуваат институционалната рамка за соработка и отвораат простор за продлабочување на партнерските односи во повеќе области.
Муцунски изразил и благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажале по трагедијата во Кочани.
На средбата била потврдена заедничката определба за унапредување на партнерството преку конкретни проекти, зајакнување на економските врски и отворање нови можности за соработка од заемен интерес.

