Британските метеоролози предупредуваат на можен исклучително силен климатски настан во Тихиот Океан. Според нивните проценки, Ел Нињо кој е во фаза на развој би можел да достигне интензитет каков што досега не е забележан во современите мерења.
Ел Нињо е природен феномен кој влијае врз температурите и временските услови во различни делови од светот. Неговото засилување, во комбинација со долгорочните последици од климатските промени, би можело да донесе уште поизразени температурни екстреми и нестабилни временски прилики.
Британската метеоролошка служба проценува дека поради овие фактори постои голема веројатност 2027 година да биде најтоплата година регистрирана досега.
Последиците од променетите временски обрасци веќе се забележуваат во повеќе региони. Во Индија, на пример, монсунските врнежи се под просечните вредности, додека во Атлантикот е забележано намалување на активноста на ураганите. Во Велика Британија, пак, развојот на Ел Нињо може да значи поголема веројатност за дождлива и бурна есен.
„Ова е нешто што досега не сме го виделе во ваков обем. Не се сеќавам на Ел Нињо кој во нашите прогнози покажал толку силен сигнал“, изјавил професорот Адам Скеиф, раководител за долгорочни прогнози во британската Метеоролошка служба.
Инаку, Ел Нињо е природен климатски феномен што настанува кога водите во централниот и источниот Тихи Океан невообичаено се затоплуваат, предизвикувајќи промени во временските услови низ целиот свет, од екстремни горештини и суши до обилни врнежи и бури.

