Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст по долга и тешка битка со ракот. Веста за нејзината смрт ја потврдиле извори блиски до семејството.
Утрово на нејзиниот официјален профил беше објавена кратка порака со која беше навестено дека Рудан починала. Набргу потоа беше променета и насловната фотографија на профилот, со порака „No Signal“, односно „Нема сигнал“. Коментарите под објавите се оневозможени.
За време на гостувањето во хрватската емисија „Во недела во два“, Рудан отворено зборуваше за својата болест и кажа дека сака нејзините најблиски нејзината смрт да ја доживеат како „одење на подрачје без сигнал“.
Рудан во мај 2024 година јавно откри дека боледува од ретка форма на рак на жолчните канали. За дијагнозата и лекувањето зборуваше и пишуваше отворено, директно и без разубавување, во препознатливиот стил што ја следеше во текот на целата нејзина кариера.
Ведрана Рудан е родена на 29 октомври 1949 година во Опатија. Студирала хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека, а во текот на професионалната кариера работела како новинарка, радио-уредничка и телевизиска водителка.
Како писателка стана позната по својот краток, остар и провокативен стил. Без задршка пишуваше за семејството, љубовта, општеството, политиката, насилството и положбата на жената.
Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, вклучително и на македонски, а според нејзините книги се поставувале и театарски претстави во повеќе европски градови.
Зад себе остави богат книжевен и новинарски опус, но и препознатлив јавен глас кој со децении предизвикуваше реакции, полемики и дебати.

