Тројца членови на исто семејство, меѓу кои бремена жена, нејзиниот малолетен син и нејзината мајка, беа ликвидирани во синоќешната пукотница што се случи во шпанското одморалиште Ел Росо, на Коста де ла Луз.
Според првичните информации, двајца маскирани мажи пристигнале со мотоцикли и отвориле оган врз семејството, по што веднаш побегнале од местото на настанот.
Локалната полиција потврди дека уште две лица биле погодени во вкрстениот оган, од кои едното е пренесено во болница во тешка здравствена состојба.
Полициската истрага сугерира дека мотив за нападот е меѓукланска пресметка, а случајот се поврзува со претходна пукотница во Хуелва од септември 2024 година, кога загина едно лице. Жртвите од синоќешниот напад се роднини – сестра, мајка и внук на маж кој претходно беше уапсен во Хихон во врска со тој инцидент.
Истрагата за смртоносниот напад ја води Цивилната гарда.
„Вчера околу 22 часот, во градот Исла Кристина, лица на мотоцикл отворија оган врз неколку лица кои беа на јавно место, при што убија три лица и повредија две, од кои едно е во тешка состојба“, соопшти полицијата.
Од полициските служби додаваат дека се земаат предвид сите верзии за настанот, иако главниот фокус е судирот меѓу кланови.
„Цивилната гарда започна голема безбедносна операција и потрага по наводните сторители. Сите информации можат да се дадат доверливо“, додадоа од полицијата.

